Кога треба мојот миленик да започне со груминг третмани ? Веднаш после вакцините за вирусни болести, тоа е околу 4 месечна возраст. Од колку порана возраст се започне со груминг третмани, толку полесно миленикот ќе го прифати тоа како нешто сосема нормално, ќе научи да не се плаши од вода, од фен и доаѓањето во салон ќе му претставува задоволство. Во секој случај поради големиот број на животни кои проаѓаат во салоните постојано, милениците не смеат да се носат на груминг додека не ги примат вакцините кои ги штитат од вирусни болести. Колку често смеете да го бањате миленикот ? Правилниот одговор на ова прашање е – зависно од КАКВА козметика за бањање користите. За разлика од погрешните , застарени уверувања дека бањањето е штетно, денес во 2021 година, грумерите во соработка со ветеринарите и дерматолозите имаат создадено огромен избор на козметика за миленици која се користи при нивното бањање. Она што е најбитно е дали шампонот кој ќе го изберете за третманот е за длабинско чистење, или е за често бањање. Доколку користите шампон за длабинско чистење, препорачливо е да се употребува еднаш месечно или поретко. Тие шампони се со појаки состојки за миленици кои не толку често имаат потреба од бањање, и темелно го чистат крзното и косата од секакви нечистотии, мрснотии и наслаги. Додека пак шампонот за често бањање, можете да го користите и СЕКОЈ ДЕН, зависно од потребата. Тие шампони се направени на база на природни состојки, безбедни за секојдневно користење, а може и да се користат еднаш седмично или на неколку седмици. Овие шампони се одлични и за миленици со проблематична кожа, иритации, алергии. Консултирајте се со вашиот грумер за козметиката што ја корисги и заедно одредете на колку време е идеално вашиот миленик да се бања. Како да го заштитам мојот миленик од паразити ? На пазарот моментално има огромен број од заштити против паразити. Ампулите против паразити имаат заштита од 1 месец. Каивчињата против паразити (зависно од која фирма се ) имаат заштита обично од 6-8 месеци. Таблети против паразити зависно од видот имаат заштита од 1 – 3 месеци. Најбитно од се , за милениците да се постојано заштитени, е да не го пропуштате рокот на аплицирање на средството/каивчето/таблетата против паразити. Тоа значи , миленикот да ви е заштитен сите 12 месеци од годината. Во Македонија нема толку ладни зими со доволно ниски температури за болвите и крлежите да изумрат, напротив, тие се присутни постојано, во текот на сите годишни времиња. Голем број на сопственици прават грешка кога не им ставаат заштита на милениците во текот на поладните времиња мислејќи дека во природата ги нема паразитите. За жал нив ги има постојано , а ние мораме да ги заштитиме нашите миленичиња, при тоа штитејќи се и самите себе си и нашите домови од инвазија на паразити. Не заборавајте дека после бањање, поради промени во ph вредноста на кожата и избегнување на иритации, аплицирањето на ампула или каивче против паразити треба да се направи после 48 часа. Исто така, после нивното аплицирање, миленикот не смее да се мокри/бања после 48 часа. Секогаш убаво проверувајте го рокот на употреба на заштитата која ќе ја изберете и прочитајте во упатството за употреба колку долго таа заштита штити од паразити. Колку често треба да го четкам мојот миленик ? Доколку вашете куче или маче има кадраво крзно или долга коса, спаѓа во типот на салонски миленици и во тој случај четкањето на крзното/косата мора да е секојдневно, доколку сакате истиот да се шиша во фризура со ножици. Клучно во оддржувањето на ваквото крзно е и редовното бањање. Само чисто крзно не се заплеткува. Колку е крзното понечисто, толку повеќе се затуткува што потоа го прави невозможно за расчеткување. Кај премногу заплеткани кучиња и мачки единствен начин да се сработи тоа крзно и да се ослободи од тутките е да се ишиша целосно кратко со машинка. Можеби за некого тоа е неубаво за очи, но другата опција – да се расчеткува е премногу болно и нехумано за миленикот.
За краткодлаки миленици користете фурминатор. За долгодлаки миленици користете slicker четка во комбинација со pin четка. Не заборавајте , доколку сакате вашиот миленик да изгледа секогаш прекрасно, вашата грижа за крзното на миленикот не завршува со закажниот груминг третман, туку мора да продолжи и во вашиот дом. Дали треба да го облекувам миленикот ? На миленик кој е постојано во движење, а не во раце или ташна, НЕ може да му студи. Тој со свето движење создава топлотна енергија која го штити и од најголемите студови. Еден cm коса/крзно е доволна природна изолација на миленичето од минусните температури. Облеките се наменети за краткодлаки миленици или миленици кои се шишаат кратко со машинка. Доколку вашиот миленик има долга коса/крзно, или се шиша во фризура, единствено нешто што ќе направите со носењето облека е – целосно заплеткување на крзното/косата. Со секое движење на миленикот во облеката, неговото крзно/коса се трие од облеката и се затуткува. За жал потоа, навистина ќе мора да се ишиша кратко до кожа затоа што да се расчеткува ќе биде невозожно, нехумано и болно Затоа НЕ ги облакајте милениците кои навистина немаат потреба од тоа, а доколку поради естетски причини инсистирате да го правите тоа, морате после секое соблекување на таа облека темелно да го исчеткате миленикот. Митот за бањање на мачките На глобално ниво владее митот дека мачките не треба никогаш да се бањаат и дека се плашат од вода. Тој мит за жал мораме да ви го побиеме, затоа што имаме премногу мачиња наши клиенти кои обожаваат да се бањаат, четкаат и да бидат фенирани. А сето тоа се должи на рано започнување со груминг третмани, односно запознавање на мачката со вода и фен уште додека е маче. Како што има кучиња кои се плашат од груминг, така има и мачиња, но тоа е само поради причината што ретко или никогаш не биле бањати и шишани претходно. Што правиме кога мачињата, како што се авантуристички настроени, ќе се најдат во некоја „нечиста“ ситуација, и ќе се вратат дома нечисти, влегувале во контејнери, замирисани се, заплеткани (оние со долго крзно), можеби и полни со болви , или пак со габична инфекција? Некои ќе речат дека тие сами се чистат лижејќи се, но тоа никогаш не може да биде направено како што може шампонот да го исчити, или средството за болви кое треба да се нанесе или пак медицинските шампони кои мора се користат во случај на кожна промена. И на крајот на денот, колку е навистина добро вашето маче да ги излиже сите тие нешта и да ги внесе во својот дигестивен систем ? Ако вашата мачка има особено долга коса – на пример, кога станува збор за раси како Персијци – одржувањето на крзното чисто може да биде потешко од тоа што мачката може да се справи самостојно (без оглед на нивните навики и способности за само-чистење). Доколку имате персиска мачка или ангорка, или било која мачка со долго крзно знаете дека ако не ја четкате и одржувате редовно ќе се заплетка до тој степен да ќе мора да се ишиша целосно кратко со машинка. Овој тип на крзно мора лесто да се четка со slicker четка за да остане бујно и прекрасно. Кога станува збор за мачки со помалку крзно или без крзно – како што е Сфингата, која е целосно без влакна – навистина се потребни периодични бањи со цел да се отстранат мастите од телото. Краткодлаките мачиња четкајте ги со фурминатор кој одлично ќе ви помогне да се справите со големиот број на влакна кој го пуштаат мачките. Исто така, постојат медицински причини зошто вашата мачка би можела да има потреба од бањање: Доста голем предизвик за мачки кои се постари, дебели, артритични или имаат проблеми со подвижноста, е да извршат основно чистење на себе. Задниот дел од телото на некои од овие мачки честопати може да стане заплеткано и нечисто, што предизвикува нивната нежна кожа да ги чеша и да стане ронлива. Затоа, нема ништо лошо во тоа да го научите вашето маче да се бања и да се четка. Со правилен пристап, на мачето тоа ќе му биде уживање, а не малтретирање, а за вас и вашиот најдраг миленик тоа е убаво и квалитетно поминато заедничко време.